Се сеќавам, еднаш прочитав дека некои луѓе го користат јазикот за да ги сокријат мислите, но моето досегашно искуство вели дека повеќето го користат јазикот наместо да мислат.
Говорот на еден бизнисмен треба да биде регулиран од што помалку и поедноставни правила отколку која било друга функција на човечкото животно. Тие правила се:
Имај што да кажеш.
Кажи го.
Не зборувај повеќе.
Ако трговецот почне да зборува пред да знае што сака да каже и ако продолжи да зборува, може да добие тужба или да осиромаши, а првото води кон второто. Овде имам правна служба која чини многу пари, но ме штити од тужби.
Во ред е кога и се јавуваш на некоја девојка, или кога после вечерата разговараш со пријателите за неделната школска екскурзија со попатни застанувања за берење цвеќе; но во канцеларијата твоите реченици треба да бидат што е можно пократки. Исфрли ги воведот и заклучокот, и застани пред да продолжиш понатаму. Проповедај кратко за да ги фатиш грешниците; и ќе ги увериш ѓаконите дека и ним не им треба долга проповед. Препушти им го првиот збор на будалите, а последниот на жените. Месото е секогаш во средината на сендвичот. Секако, малку путер на која било страна од сендвичот не штети доколку е наменет за човек кој сака путер.
Исто така, запомни дека е полесно да изгледаш мудро отколку да зборуваш мудро. Зборувај помалку од другиот и слушај повеќе отколку што зборуваш; затоа што кога човек слуша не се издава самиот себеси, туку му ласка на оној што се издава. Биди им добар слушател на повеќето мажи и прифаќај ги забелешките на повеќето жени, и тие ќе кажат сè што знаат. Парите зборуваат – но само ако нивниот сопственик има голема уста, а тогаш нивните забелешки се постојано навредливи. Зборуваат и сиромашните, но никој не сака да ги слушне.